Нова „ракометна крв“ во Автокоманда: Иранец на проба во Металург!

Aко минатата сезона главниот збор во Металург го имаше Јанко Божовиќ, од оваа Металург промовираше нов концепт во кој македонските млади ракометни таленти рамноправно требаше да ја делат минутажата со поискусните интернационалци.

Сепак полусезоната не измина како што се надеваа од таборот на Металург, а тренерот Червар имаше главоболки со составување на тимот откако поради повреди не можеше да смета на Марчец, Обрадовиќ, Младеновиќ, Драгаш, Кузмановски и Нелоски.

Брајовиќ ја напушти Автокоманда, Обрадовиќ се врати на терените по незгодната повреда, а честите ситни повреди на младиот талент Нелоски се само предупредување за стручниот штаб на Металург. Токму затоа од денес во Автокоманда има ново лице. Се работи за иранскиот интернационалец Амен Јусeфинејад кој во Скопје пристигна од Тунис каде настапуваше оваа сезона. Тој е член на сениорската иранска репрезентација, а беше дел од 14-те ракометари кои настапија на квалификацискиот циклус за ОИ во Шведска.

20-Годишниот лев бек наредниот период ќе биде на проба во Металург, а доколку ги задоволи критериумите на Лино Червар ќе ја збогати бековската линија на „сините“ од Автокоманда, каде сигурно ќе се почуствува отсуството на Кузмановски, Младеновиќ и Брајовиќ.

Со потенцијалното ново ракометно име во Металург, стручниот штаб на македонскиот вицепрвак отвора нов пазар кон Блискиот исток и Африка.