Нова задача за македонски арбитри: Начевски и Николов денеска судат во Пореч

После мечот со кој го отворија првенството во Сплит меѓу Шведска и Исланд, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов денеска добија нова задача на Европското првенство, но се селат во Пореч.

Македонските арбитри ќе ја делат правдата на средбата меѓу Норвешка и Белорусија која ќе биде втора на програмата во групата Б и ќе биде клучна за двете селекции со оглед на тоа што тука се бие битка за пренесување на бодови во втората рунда.

Белорусија тргна со победа против Австрија, додека Норвешка загуби од Франција. Затоа на оваа средба претстои возбудлив ракомет во кој нијанси ќе пресудуваат за бодовите. Оттаму ова е дуел Николов и Начевски ќе имаат одлична задача и секако предизвик на кој ќе треба да одговорат и денеска во што никој не се сомнева.

Дуелот почнува од 20:30 часот, а претходно во истата група се среќаваат составите на Франција и на Австрија.