Нова грижа за Вардар и за Раул: Настапот на Циндриќ против Рајн Некар е неизвесен

Екипата на Вардар денеска го совлада Динамо Панчево со 42:32 во СЕХА-лигата, а одново на теренот го немаше Лука Циндриќ. Организаторот на играта поради повреда пропушти уште еден дуел.

Лука го немаше ниту на дуелот против ППД Загреб во саботата иако тогаш беше на клупата. Има сериозна повреда и е неизвесен за настап и во 8. коло од Лигата на шампионите на мечот против Рајн Некар в сабота во Скопје.

„Циндриќ има повреда на ногата и не тренира веќе две недели. Беше направен нов преглед и очекуваме резултати од тестовите. Не сум оптимист во тој поглед бидејќи се работи за незгодна повреда. Тој сака да игра, но прашање е колку ќе може бидејќи не можеше ниту да тренира со другите, а секогаш кога не тренираш е многу тешко и да го одиграш она што е потребно. Нема да ризикуваме и одлуката ќе биде на докторите. Ќе биде навистина тешко да го имаме Циндриќ против Рајн Некар, а дефинитивно ни е потребен“, изјави Раул Гонзалез.