Нова бламажа на ПИК Сегед, тимот го очекува голема реконструкција

По разочарувачките резултати во Лигата на шампионите, тимот на ПИК Сегед беше на прагот да загуби и во домашниот шампионат од тимот на Ѓенѓеш, но Горбок погоди во последните моменти за 33:33, иако Ѓенѓеш промаши пенал за победа. Откако ја победија големата Барселона во ЛШ, следуваа неочекувани порази од Кристијанштад на гости и од Висла Плоцк дома, па иако пласманот во осминафиналето не е доведен во прашање, сепак овие резултати се неуспех за клубот со големи амбиции. Не е сјајно ниту во унгарскиот шампионат, каде одиграа само реми со Будакалаш и Ѓенѓеш.

На официјалниот веб сајт на ПИК Сегед е објавено дека раководството на клубот ќе одржи состанок на 20 декември и најавени се големи промени. Тренерот Хуан Карлос Пастор најави дека најлесно е за предводникот да го напушти „бродот што тоне“, но сепак тој има договор до 2022 година и најверојатно останува, а промени ќе бидат во играчкиот кадар. Уште отсега се знае дека заминуваат Хозе Мануел Сиера, Денис Бунтиќ, а Сергеј Горбок е на добар пат да замине во Франција, додека Бразилецот Пиетрус ќе се пресели во Барселона. Покрај овие играчи, не е исклучено уште двајца да добијат откази на полусезоната. Засега е потврден трансферот на Мирко Алиловиќ, а се очекува истото и со доаѓањето на Хорхе Македа.

ПИК Сегед го очекуваат уште три средби до крајот на годината, дома против Дабас и Ќурго, како и гостување кај Татабања, која доколку победи ќе го симне од втората позиција. Во Унгарија, за титулата разигруваат во плеј-оф само првите две екипи, а не е исклучено противник на Веспрем во финишот на сезоната да бидат Татабања или Балатонфуреди, со оглед на ситуацијата во ПИК Сегед.