Новајлијата Чаир со големи амбиции – со шест засилувања ќе се брка место при врвот!

Во новата сезона во Женската лига ќе има дури 14 тимови, а системот на натпреварување ќе биде двокружен без играње плеј-оф и плеј-аут. Една од новите екипи е составот на ЖРК Чаир, која има високи амбиции во претстојната сезона.

Чаирчанки се засилија со две ракометарки од Пелистер, бекот Маја Каранфиловска и голманката Слободанка Кицеска, од Спартак дојдоа најдобрите стрелци Марија Николовска и Анастасија Николовска, додека од составот на Шампион во Чаир се преселија Арсовска и Димитриевска. Тука од претходно се Рахмани, Бакиќ и сестрите Рамука.

Стручниот штаб веќе е составен и ќе го сочинуваат некогашните ракометари на Риниа, Басри Латифи и Берат Синани, а со нив ќе работи и Семие Ислами. Тренер на голманите ќе биде некогашниот голман на суперлигашот Македонија и на Риниа, Шенол Мемед.

Чаир веќе утре ќе му гостува на српскиот шампион Јагодина, со кој ќе биде одигран пријателски натпревар, а во периодот од 7 до 9 септември ќе биде на турнир во Улцињ, каде ќе бидат одиграни уште три средби со црногорски тимови. Покрај сениорската, Чаир пријави и екипа во младинска конкуренција за следната сезона.