Ни Сарачевиќ не можеше ништо: Загреб поразен со Барса и со новиот тренер

Екипата на ППД Загреб загуби од Барселона на Борко Ристовски со 24:32 и остана на последното место во групата А. Ова беше очекуван резултат со оглед на разликата во квалитетот, а Барселона беше во водство во текот на целиот меч.

Загреб тргна со мали измени во тимот. Ги немаше двајцата ракометари со презиме Марковиќ кои седеа на клупата. Добривоје и Жарко Марковиќ не ја добија довербата кај новиот тренер Златан Сарачевиќ на стартот, но ниту со Равниќ и Вуглач немаше нешто позитивно.

Барселона знаеше како уште во првите 30 минути да си обезбеди плус пет гола и на одмор да замине со 16:11, па во продолжение немаше проблеми за да се задржи високото водство и да се триумфира со 32:24.

Со ова Барселона успеа да го мине тимот на Рајн Некар и сега се наоѓа на 2. место со 12 бода, додека Германците имаат бод помалку. Како што е познато Рајн Некар и Барселона својот меч од 9. коло од Лигата на шампионите го играат в недела од 19 часот.