Ни Портнер, ни Ивиќ: Вардар потпиша договор со Летонецот Артурс Кугис!

Актуелниот европски првак Вардар потпиша двегодишен договор со Кугис Артурс (26), репрезентаивец на Летонија кој доаѓа од екипата на Гросвалштат. Сезонава Артурс одигра 35 натпревари за Гросвалштат, а со репрезентацијата на Летонија избори пласман на ЕП 2020 година.

Артурс беше особено забележителен во квалификациите за ЕП 2020 година, и неговите одбрани беа одбележани и од страна на ЕХФ ТВ по натпреварот со Словенија. Првпат Летонија избори место на ЕП, а тој е соиграч на десниот бек Даинис Криштопанс.

Вардар во втората половина на јули ќе ги почне подготовките за новата сезона, а сигурно е дека на крајот на август треба да настапи на Супер Глоуб каде ќе се обиде да стигне и до титулата на неофицијалното клупско СП.

„Вардар секогаш знаел да препознае квалитет во некој играч кој набрзо по доаѓањето во нашиот клуб веднаш станувал препознатлив н амеѓународна сцена. Веруваме дека и со Артурс ќе биде исто, и ќе продолжи исто како и неговите претходници меѓу стативите на „црвено-црните“, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Иако управите на двата клуба Вардар и Монпелје беа договорени, трансферот го стопираше младиот голман Никола Портнер, кој не сакаше да замине за Скопје.  Хрватскиот репрезентативец Филип Ивиќ се уште нема клуб, неговиот менаџер е во активна потрага по квалитетна солуција, а состојбите во Вардар го направија европскиот шампион само дел од оние бекап опции за младиот голман. Во наредниот период ќе биде појасно дали токму Летонецот ќе биде прва виолина на голот на „црвено-црните“ или ќе му се придружи поквалитетно име меѓу стативите.