Ни „лајв“ ни „стрим“ од Радишани: Ракометните преноси заглавија во интернет мрежата

Изминатите две години задолжително беше сите екипи кои се натпреваруваат во најсилната македонска ракометна лига-Суперлига, да имаат пренос во живо преку интернет сервисот „лајв стрим“. Клубовите беа должни да обезбедат финансиски надомест за лицето кое го прават преносот, а за возврат треба да добијат и копија од одиграниот натпревар. И таа копија е како доказ за случувањата на теренот, особено ако има некој проблем или инцидент.

Овојпат оние што сакаа да го гледаат Бутел, а не можеа да дојдат во салата немаа можност за пренос од својот компјутер.  Домашниот клуб сепак обезбеди снимател да има снимка, но гледачите останаа без пренос.  Немаше ниту најава дека нема да има пренос поради некој технички проблем.

Оваа сезона започна со пренос на интернет од натпреварот меѓу Вардар Јуниор и Радовиш, потоа следуваше обид за пренос на дуелот во Велес меѓу Борец и Струга, за на денешниот пладневен суперлигашки термин во Радишани да нема воопшто ниту обид за пренос на натпреварот меѓу Бутел и Прилеп.

Пропозициите за новата сезона се уште не се достапни за јавноста и се очекува да се појават на веб страната на ракометната федерација наскоро. Но доколку нема поголеми промени во однос на минатите сезони, тогаш недостигот од лајв стрим повлекува казна за клубот домаќин на натпреварот од македонската Суперлига. 

Освен ако не им се прогледа низ прсти на бутелчани, како дебитанти или пак можеби некој друг ја утнал работата. Но, ветување е ветување – треба да има преноси од сите суперлигашни натпревари, без разлика кој е тимот и колку е тој силен или не.