Никола Митревски: Сè освен наша победа ќе биде изненадување в четврток

Голманот на Констанца од Романија, Никола Митревски в четврток ќе има можност после една деценија да настапи за домашен тим пред битолската публика. Долго го чекаше овој момент, па може да биде задоволен бидејќи ќе има можност да го чува голот на Македонија на една ваква средба во која репрезентативниот ракомет се враќа во Битола.

Средбата меѓу Македонија и Турција која се игра од 20:15 часот в четврток се очекува да го привлече вниманието и да ја исполни салата „Боро Чурлевски“.

„После скоро 15 години репрезентацијата се враќа во Битола. Според тоа што го слушам оттаму салата ќе биде полна. Има голема заинтересираност, а сè освен наша победа ќе биде големо изненадување“, изјави Никола Митревски за 24 Ракомет.

Ова е шанса за Митревски да одигра одново меч во градот од кој потекнува за тим кој е домаќин на средбата.

„Ќе бидиме како ќе биде. Од селекторот зависи дали ќе добијам шанса за да игра, а од публиката каков пречек ќе имам на оваа средба. Поминаа повеќе десет години. Една деценија немам играно во Битола како домаќин така што ќе видиме како ќе биде в четврток“.

Тој посакува две победи на стартот од квалификациите кои ќе дадат убав патоказ за понатаму.

„Доколку одиграме како што знаеме и како што треба сигурен сум дека ќе ги добиеме двете средби и ќе можеме двомечот со Исланд да го дочекаме порастоварено и тогаш да ги решиме овие квалификации“, коментираше Никола Митревски во изјавата за 24 Ракомет.