Никола Костески со „новиот тим“ на Селка по нови успеси: Имаме 14 нови ракометари, ни треба време

Денеска на последниот ден од меморијалниот турнир „Боро Чурлевски“ во финалето и Македонија ќе има свој претставник во десното крило, Никола Костески. Тој заедно со своите колеги од Селка ќе ги одмери силите со Олимпијaкос во финалето од овој турнир во мечот кој почнува од 19:30 часот..

Вчера, во дуелот од последното коло во групната фаза екипата на Селка го совлада Бутел и со тоа го освои 1. место. Во пресрет на денешното финале нашиот повремен репрезентативец ги искажа своите импресии од турнирот на кој настапуваат и ги најави целите на својот тим за во иднина.

„Дојдовме тука со цел да изиграме добро бидејќи игравме на еден турнир во Инстанбул кој го освоивме и знаевме дека тука не чекаат потешки противници бидејќи има добри екипи кои се на турниров и дојдовме тука да изиграме машки во одбрана и во напад и да покажеме што знаеме. Ние се натпреваруваме во Купот на Турција и во Купот на ЕХФ каде ќе играме со Орендал од Норвешка и заради тоа дојдовме тука да видиме до каде сме и задоволни сме со формата во која се наоѓаме. Имаме многу измени во тимот. Од претходниот состав останавме само двајца, а се сменија дури 14 ракометари. Покрај тоа и еден од тренерите е нов и со ваквите замени очигледно е дека ни треба време да се уиграме, но од играта што ја прикажавме сум презадоволен“, вели Никола Костески.

Во изминатите сезони во Супер лигата на Турција неприкосновен лидер е екипата на Бешикташ која неколку години го има истиот костур од играчи, а оваа година токму Селка ќе се обиде да им застане на патот и ќе се обиде да се бори за првата позиција во домашниот шампионат.

„Нашата цел е да одиграме достојно против Бешикташ и против сите други екипи. Имаме шанси, имаме добра екипа, но секако дека ќе дадеме сè од себе“.

За Никола Костески ова е втора година во Турција, а покрај тоа што настапува во Супер лигата во оваа земја во минатото нашиот репрезентативец го носеше дресот на Борец и на Металург, па оттаму Костески направи паралела меѓу најсилните лиги во Македонија и во Турција.

„Реално, ние во Македонија имаме добра лига со добри екипи како што се Вардар и Металург, но ако ги тргнеме нив на страна мораме да признаеме дека и останатите екипи се квалитетни. Во Турција нема екипа каде нема барем осум нови играчи секоја година, а ние сме носители на таквите промени во составот, но и без оглед на тоа можеме да се носиме со сите противници и токму затоа лигата во Турција е квалитетна и секој секого може да победи“.

Без оглед на тоа што има квалитетни и достојни противници во Супер лигата на Турција, екипата на Бешикатш скоро секоја година е на врвот на пиедесталот и го има најсилниот замав кон титулите во домашниот шампионат, а Костески објаснува зошто е тоа така.

„Бешикташ го држи истиот ростер на играчи со само две – три промени од секоја сезона и токму поради тоа е најквалитетен и секако се натпреварува во Лигата на шампионите. Ова се играчи кои имаат искуство и искусни ракометари, но за да се направи успех потребно е една екипа да го задржи ростерот најмалку три години за да се дојде до успех. Освен Бешикташ кој е неприкосновен лидер сите други екипи се изедначени по квалитет и во претхоната сезона секој секого можеше да победи, а така ќе биде и во иднина“.

Селка за оваа година обезбеди настап во Купот на ЕХФ каде ќе се сретне со Орендал од Норвешка, а со самото тоа буџетот на тимот за оваа сезона е поголем, но и речиси целиот ростер е сменет.

„Оваа сезона имаме поголем буџет во споредба со претходната бидејќи изборивме настап во ЕХФ купот, но искрено сметам дека ако се гради екипа која треба да има успех потребно е да се сменат шест или седум играчи , а не 12, 13 или 14 ракометари“, заврши Никола Костески.

Денешното финале против Олимпијакос ќе биде врвот на подготовките за турскиот состав во пресрет на новата сезона. Натпреварот се игра денеска во 19:30 часот во салата „Боро Чурлевски“, а на ова финале му претходат два натпревари кои ќе одлучат за пласманот на екипите на крајот од овој турнир.