Не се задржа долго во Мешков: Шиме Ивиќ се сели во Бундес лигата

Десниот бек Шиме Ивиќ по само една сезона ќе си замине од белорускиот шампион Брест Мешков и од лето ќе игра во Бундес лигата, во тимот на Ерланген. Иако имал понуда и од францускиот Нант, кој на таа позиција го има Кире Лазаров, сепак хрватскиот интернационалец се решил за транфер во Германија.

„Среќни сме што Шиме, по долги разговори, одлучи да дојде во Ерланген. Тој веќе е докажано име во европскиот ракомет и уверени сме дека ќе биде одлично засилување. Со него добивме играч кој ни одговара на нашиот концепт на игра и сака да направи чекор напред во кариерата“, велат од Ерланген.

Ивиќ во минатите четири години настапува во Лигата на шампионите во дресовите на словенечкиот Целје Пивоварна Лашко, полската Висла Плоцк, а во оваа сезона го носи дресот на Мешков Брест. Ерланген во моментов е на 15 позиција на табелата во Бундес лигата.