Не е лесно без Карабатиќ: Светскиот првак со тешка победа ја почна одбраната на круната

Во последниот натпревар од првото коло во групата А во Берлин, репрезентацијата на Франција без Никола Карабатиќ во составот го совлада Бразил потешко од очекувањата со резултат 24:22.

Бразилците се покажаа во одлично издание и во ниту еден момент од натпреварот не беа во изгубена позиција. Франција беше во заостаток се до 23. минута кога првпат после 1:0 преминаа во водство од 10:9. Тука почна кризниот период за Бразил, во кој беа без погодок седум минути. Во последната третина од првото полувреме Франција ја направи разликата од 16:13 со кој резултат се отиде на одмор. Голем придонес за  тоа даде голманот Винсент Жерард, кој откако влезе во 20. имаше четири одбрани.

Во второто полувреме Франција почна одлично и со серија од 3:0 се одалечи на шест гола предност. Бразилците не се откажаа против светскиот шампион и во 48. минута стигнаа до израмнување на 20:20. Немаа сила за целосен пресврт, а Франција не дозволи уште на стартот да изгуби планирани бодови и натпреварот го приведе до крај во своја корист.

Најзаслужен за победата на Франција беше голманот Жерард кој запиша 13 одбрани, од кои неколку зицери во клучните моменти. Најефикасни играчи беа Мем и Гигу со по шест погодоци, додека во составот на Бразил најефикасен беше Толедо со осум погодоци.

Во второто коло утре Франција се среќава со Србија од 20:30 часот, додека Бразил има уште еден тежок натпревар со Германија во 18 часот и 15 минути.