Не го сакаа во тимот, тој денеска им пресуди: Монпелје со пораз пред дуелот со Вардар

Екипата на Монпелје претрпе пораз на гостувањето кај Ним, од 24:25. Иако минимален ова е тежок пораз поради неколку работи.

Монпелје загуби на само три дена до мечот против Вардар во Лигата на шампионите, а загуби од легендата на ракометот во Франција, Мишел Гигу, кој на крајот од минатата сезона го загуби местото во тимот. Гигу не сакаше да ја прифати понудата да биде тренер и се пресели во Ним за да игра и да биде во конкуренција за настап на Олимписките игри во Токио. Денеска тој беше еден од поефикасните во редовите на Ним. Практично со четири гола беше најефикасен заедно со Мохамад Санад.

Клучна фигура во победата беше голманот на Ним, Реми Десбоне кој имаше дури 19 интервенции и 46 проценти усшеност при интервенциите.

Што се однесува до Монпелје таму новиот голман Марин Шего запре 16 удари и имаше 40 проценти успешност. Најефикасен беше Јанис Лене со четири гола, кој дојде летово од Барселона. Со три гола зад него беше Фредрик Петерсон.