Ненадиќ: Поради Каденас си заминав од Висла Плоцк

Не така одамна, тренерот на Мешков Брест – Маноло Каденас, беше стратег на клупата на полскиот Висла Плоцк. Шпанскиот ракометен виртуоз таму помина три сезони до 2016 година, но навивачите и играчите не го запаметија по добро. Дека Каденас има тежок карактер и лесно влегува во конфликт со играчите и со одговорните во клубот тоа го знаат сите, па најверојатно по крајот на оваа сезона ќе си замине и од белорускиот првак токму поради конфликт со спонзорот на клубот.

Петар Ненадиќ е еден од играчите кои го носеа дресот на Висла Плоцк во тој период. Српскиот инернационалец играше за Висла од 2012 до 2014 година, а потоа направи трансфер во Фуксе Берлин токму поради Маноло Каденас. Тој во инервју за „Спортовефакти “го истакна Шпанецот како главна причина за проблемите во тимот.

„Во кариерата научив дека не треба да зборам лошо за поранешните тренери, но сега по неколку години мислам дека имам право да се искажам. Не бев единствениот ракометар кој ја напушти Висла Плоцк поради Каденас. Многу други одлични играчи ја напуштија Висла од истата причина. Тој беше човекот што ја влечеше Висла Плоцк наназад. Одлучуваше кој играч ќе си оди од тимот, кој ќе дојде, секогаш тврдеше дека е во право дури и кога не беше“, вели Ненадиќ.

Маноло Каденас го водеше тимот од 2013 до 2016 година. Во неговиот период, Висла Плоцк имаше добри ракометни имиња, но немаше резултати и цело време беше во сенка на Келце.