Нема само Катар злато: Олимписки шампион ќе ги следи високите амбиции на Бахреин

Поранешниот дански селектор Гудмундур Гудмундсон е нов предводник на клупата на Бахреин. Ова денес официјално го соопшти ракометната федерација на оваа богата азиска земја.

Според исландските медиуми договорот со челниците на тамошната федерација е потпишан на неполна година, како тест период за Азискиот шампионат кој ќе се одржи во јануари 2018. Во минатите издание на овој континетален собир, Бахреин на двапати губеше во финалето од репрезентацијата на Катар.

Со пристигнувањето на искусниот исландски стратег, Бахреин се надева дека конечно ќе и стави крај на катарската доминација. Гудмундсон пред три години седна на селекторското столче на Данска и го наследи легендарниот Улрик Вилбек. Покрај релативно успешните резултати и круната на неговото селекторување-златниот медал од Олимписките Игри во Рио, несогалсувањата со Вилбек кој беше назначен за директор на репрезентацијата резултираа со заминување на двајцата искусни стратези од машката сениорска репрезентација. Додека Вилбек сега се фокусира на политичка кариера, во јавноста се погласно се зборуваше дека Гудмундсон ќе го напушти ракометот и ќе се посвети на банкарството, сектор во кој долго време работеше.

Сепак берзите ќе почекаат уште најмалку една година, бидејќи ракометната федерација на Бахреин има нова амбиција да се прекине доминацијата на Катар во регионот.

Гудмундусон во своето портфолио меѓу другото ги има запишано селекторската функција во Исланд и Данска, како и тренерската функција во Рајн Некар Ловен. Тој ќе го наследи алжирецот Салах Бучекриу, кој го предводеше Бахреин на СП 2017 во Франција откако неколку недели пред почетокот на мундијалот селекторот Аихан Омер даде оставка.