Нема крај на проблемите: Келце нема да добие пари од градот

Проблемите на Келце продолжуваат и покрај тоа што првиот човек на клубот, Бертус Сервас изјави дека сè ќе биде добро и нема да има проблеми за тимот да се натпреварува во новата сезона според планот.

Парите кои се бараа од градот не се добиени бидејќи во касата нема доволно средства за да му се дадат пари на клубот и тој да може да живее на нивото на кое има планирано Сервас, па ова носи нови денови на неизвесност во таборот на освојувачот на Лигата на шампионите од 2016 година.

„Во 2016 година, претседалоте на Келце првпат аплицираше за поддршка од два милиони злоти велејќи дека се работи за исклучителна ситуација. Година подоцна вторпат беа обарани 2 милиони злоти. Сега имаме предвидено 2,5 милиони злоти, а во февруари клубот побара да ги повлече парите веднаш. Требаше сè да биде добро. Сепак, сега добивме апликација за 4,5 милиони злоти (околу 1 милион евра) што е навистина премногу и во моментов немаме толку пари. Во моментов можеме да зборуваме за неколку стотици илјади злоти“, изјави на прес-конференција, градоначалникот на Келце, Војчих Лубавски.

Ваквите вести секако се и најава за проблеми после кои клубот може да остане и без дел од ракометарите со цел да се намали буџетот. Доколку Сервас не успее да најде доволно средства за нормално функционирање тогаш во новата сезона може да се види далеку поинаков тим од сите планови, а ова може да значи и пропаѓање на трансфери кои се предвидени за следната сезона.