Нема ваучер, нема разговор: Прволигашите ја напуштија годишната конференција

Претставниците на клубовите кои во минатата сезона се натпреваруваа во Првата машка лига после десет минути разговор ја напуштија годишната конференција. Со образложение дека никој не дојде да им се обрати и да им каже нови моменти околу доделувањето на ваучерите тие одбија да учествуваат во расправата околу пропозициите и договорот за новата сезона, па состанокот беше завршен уште пред вистински да почне.

Сите клубови беа едногласни и останаа на барањата кои ги дадоа уште минатата недела кога имаа состанок и заеднички се потпишаа на иницијативата за распределбата на ваучери.

Како што е познато ниту еден клуб од Првата лига не доби ваучер, па оттаму остануваат на своите барања.

Инаку, пријавувањето на клубови за новата сезона е до 30 јуни, но веројатно ќе мора и да се поместува бидејќи во моментов ниту еден од тимовите кои лани играа во Првата машка лига до добивањето на информација за ваучерите не отстапува од ставот и сите се едногласни. Ако нема ваучер нема ниту да играат во Првата лига.