Нема ваучери, нема Прва лига: Клубовите го замрзнаа натпреварувањето во новата сезона

Екипите од Првата машка лига кои имаа доставено барање за ваучери останаа на својот став и откако не ги добија истите пред почетокот на сезоната одлучија да не излезат на терен во 1. Коло. Веќе доставија известување до РФМ така што натпреварите кои требаше викендов да се играат нема да го имаат својот почеток, а прашање е и до кога ќе трае оваа ситуација.

И до нашата редакција беше доставено истото соопштение, кое ви го пренесуваме во целост.

„Во име на клубовите што се натпреваруаат во Првата Македонска ракометна лига, би сакал да Ве известам дека наспроти утврдената динамика на преземање на активностите насочени кон решавање на проблемот со издавање на ваучери на клубовите од втор ранг на натпреварување на седницата на Собранието на РСМ на 11.09.2019 не поставена, како точка на дневен ред, измената на Законот на данок на добивка што претставува нужен предуслов за преземање на понатамошните дејствија, предвидени со закон, во постапката за издавање на ваучерите.

Во неформална комуникација е добиена информација дека причина за ова се внатре коалициски несогласувања со што пчигледно дека е доведено во прашање, не само издавањето, туку и можноста за реализација на евентуално издадените ваучери.

Поради наведеното, Ве известуваме дека, подолу наведените клубови го замрзнуваат натпреварувањето во Првата Македонска ракометна лига, како и во лигите во младински категории во организација на РФМ, сè до моментот на целосно разрешување на проблемот со доделувањето на ваучерот.

Вината за новонастаната ситуација лежи исклучиво кај оние кои не ги исполнија обврските преземени на состанокто одржан во просториите на Агенцијата за Млади и спорт во присуство и на Претседателот на РФМ со што ги прекршија дадените ветувања за навремено доделување на ваучерите“, стои во соопштението на клубовите од Првата лига кои после завршувањето на минатата сезона направија неформално здружение преку кое ги бараат ваучерите.

Ова значи дека клубовите кои минатата година играа во Првата лига нема да истрчаат на терен годинава сè додека ветеното не им биде исполнето.