Немаа сили за втор силен меч: Бутел Скопје не можеше до ново изненадување

Ракометарите на Бутел Скопје вчера направија големо изненадување откако го совладаа тимот на Охрид со 29:27. Сепак, оваа игра не можеа да ја повторат против Пелистер и останаа без место на фајнл-фор турнирот каде одат битолчани.

Пелистер славеше со 31:22 во меч во кој беше во предност уште од стартот. Битолчани поведоа со 3:0 и овие три гола постојано ги зголемуваше за на одмор да замине со предност од 15:8.

Овие седум гола во второто полувреме се одржуваа без поголеми проблеми и во ниту еден момент немаше шанса за тимот на Бутел Скопје да се врати во игра за пресврт. Пелистер имаше контрола, а ја искористи и замореноста на домашните ракометари, па на крајот со 31:22 се избори за победа и за пласман на завршниот турнирот од Купот на Македонија.

Таму претходно место имаа обезбедено тимовите на Е. Работник и Металург, а се очекува Вардар да им се придружи и да го комплетира списокот на тимови за завршниот турнир.

БУТЕЛ СКОПЈЕ – ПЕЛИСТЕР        22:31 (8:15)

Сала: „Иван Хаџиниколов“ во Скопје. Гледачи: 150. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегат: Ацо Николовски од Скопје.

БУТЕЛ СКОПЈЕ: Блажевски, О. Трајковски, Лазароски 1, М. Трајковски 1, А. Димовски 2, Коловски 2, Георгиевски 2, С. Николовски, Б. Николовски, Р. Димовски, Маркудов, Печенковски 5, Стоилевски 5, Василевски 2, Стојановски 1, Андовски.

Седмерци: 1/4, Исклучувања: 8 мин.

ПЕЛИСТЕР: Рајичиќ, Брауновиќ, Јовановски, Петров 4, Јагуриновски 4, Маџовски 3, Рајатовски 3, Чантурија 4, Димитровски 3, Чуриќ 2, Орјоникидзе 6, Митревски, Ивановски 1, Митиќ, Тодоровски, Велјановски 1.

Седмерци: 3/6, Исклучувања: 12 мин.