Нексе пишува историја, хрватскиот шампион падна во Нашице

Првото коло од новата сезона во СЕХА-лигата финишираше со дуелот меѓу Нексе и Загреб, а овој меч донесе големо изненадување бидејќи тимот од Нашице се избори за триумф против шампионот на Хрватска од 23:22.

Тимот на Нексе беше во предност уште од стартот на средбата, а во 21. минута имаше водство од 9:4. Оваа висока предност се чуваше и во продолжението од првото полувреме и на одмор се замина со 13:9.

Се чинеше дека ППД Загреб ќе го најде потребното решение за добар резултат во вториот дел, но не успеа. Место тоа тимот остана во негатива и постојано мораше да брка резултат. Освен Златко Хорват кој постигна девет гола другите ракометари беа под потребното ниво и делуваа немоќно.

Дека Загреб ќе загуби се виде најдобро откако Нексе зголеми на 23:21, па голот на Хорват беше само за ублажување на поразот, па ова е момент за историја бидејќи конечно се најде тим во Хрватска кој може да го совлада Загреб.

Радоста во Нексе беше огромна, а после еден ваков натревар беше и очекувана бидејќи не е лесно да се одигра против тим на Лино Червар и да се добие натпреварот. Сепак, Хрвоје Хорват покажа дека годинава има тим кој може да им ги помати сметките и на другите фаворити.