Нексе запиша планирани бодови во СЕХА

Ракометарите на Нексе после лошиот старт на сезоната во СЕХА лигата и трите порази, во 4. коло на домашен терен ја остварија првата победа против Пекинг Универзитет кој беше совладан со 40:26.

Нексе го почна натпреварот без потценување на противникот, а разликата во квалитет веднаш беше очигледна на теренот. По само 13 минути игра домашните имаа сигурно водство од 7:1 во пресрет на продолжението на мечот. До крајот на полувремето Пекинг Универзитет постигна само седум гола и имаше негатива од 18:7 по првиот дел.

Тука веќе беше познат победникот, а во второто полувреме Нексе го намали нивото на игра. Составот од Кина полесно стигнуваше до гол, но беше јасно дека нема доволно квалитет за нешто повеќе. тоа го потврди и конечниот резултат од 40:26 така што ова беше само доказ за тоа кој е кој на овој дуел.

Најефикасен играч во екипата на Нексе беше Фран Милета кој шестпати погоди во противничката мрежа, додека веднаш зад него беше Иван Думенчиќ со пет гола. Во тимот на Пекинг Универзитет убедливо најефикасен беше Јуе Цао со девет погодоци.