Нексе беше добар ривал, но Вардар не раздава бодови дома

Вардар се избори за втората победа во СЕХА лигата сезонава и по вторпат на домашен терен беше сигурен така што не дозволи никакво изненадување и покрај тешкото прво полувреме против Нексе. Конечните 27:25 се показател дека ова не беше воопшто лесен меч, но како и секогаш досега со Нексе имаше надигрување, но и бодови за вардарци.

Почетокот на натпреварот меѓу Вардар и Нексе донесе малку погодоци. Неколку грешки во првите осум минути беа причина резултатот да биде само 2:1. Сепак, тоа беше само отворање на средбата, а потоа следуваше поефикасна игра во која следуваа голови од двете страни.

Нешто побрзата игра и подобра реализација донесе голови и од Вардар и од Нексе, а како што стоеја работите следуваше зголемување на бројот на погодоците и на едната и на другата страна. И Вардар и Нексе успеаја да стигнат до нови голови, но во 19. минута гостите првпат беа во предност од еден гол и водеа со 8:7.

Во следните минути Вардар успеа да сврти и да поведе со 9:8, но набрзо дојде до нов пресврт. При резултат 9:10, Вардар остана без Горбок кој поради две минути мораше на клупата. Гедбан излезе за да влезе играч во поле, но две грешки им овозможија на ракометарите на Нексе да погодат на празен гол и во 24. минута резултатот да биде 9:12.

Одбраната на Нексе функционираше нешто подобро, но главно и на двете страни имаше избрзани шутеви. И двете екипи се обидуваа со брзо завршување на нападите да дојдат до погодок, па тука се случуваа грешки и промашувања така што ниту една разлика не гарантираше сигурност и брзо доаѓаше до менување на резултатот. Нерешените 14:14 на одмор беа постигнати речиси со звукот на сирената бидејќи контрата која беше дело на Дибиров и Чупиќ заврши со реализација. На тој начин никој немаше предност после првиот дел.

Вториот дел почна во сличен стил. И на двете страни имаше голови одново и тоа речиси одеше наизменично. Ниту еден тим немаше предност поголема од еден гол, а после нерешените 18:18 во 41. минута дојде до мало поправање на работите. Прво Пелко реализираше од позиција за водство, а потоа одбраната на Вардар покажа дека влегува во ритам и двапати Дибиров погоди на празен гол. За 21:18. Во 46. минута веќе беше и плус пет, 23:18 така што работите тргнаа на подобро.

Тренерот на Нексе, Хрвоје Хорват се обидуваше постојано со седум ракометари во напад, но ова му беше дефинитивно „коцкање“ исто како што беше ситуацијата и Порто пред два дена така што и Нексе не помина ништо полесно. Вардар го полнеше празниот гол, па Нексе на десет минути до крајот веќе мораше да ја потпише капитулацијата.

На сето ова голманот Калифа Гедбан покажа дека се буди и тој и дека како што ќе одминува сезоната со Кугис ќе биде одличен тандем на голот. Одбрани неколку зицери и успеа да помогне за одржување на солидната разлика со која победата не беше воопшто проблем да биде обезбедена.

ВАРДАР – НЕКСЕ             27:25 (14:14)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 1000. Судии: Милош Ражнатовиќ и Иван Павичевиќ од Црна Гора. Делегат: Емир Бешлија од Црна Гора.

ВАРДАР: Гедбан 0/1(15 одб.), Кугис, Кукуловски, Димитриоски, Кристопанс 3/8, Карапалевски 0/1, Пелко 2/2, Дисингер 6/9, Скубе 1/3, Калараш 1/1, Чупиќ 1/1, Дибиров 9/12, Горбок 1/4, Шишкарев 2/5, Ќосевски 1/2, Горпишин 0/1.

Седмерци: 4/5, Исклучувања: 2 мин.

НЕКСЕ: Цар (7 одб.), Лелиќ, Радовановиќ (5 одб., 1 сед.), Етер, Милета 4/6, Мрџеновиќ, Баришиќ Јаман 3/6, Думенчиќ 4/9, Бувиниќ 2/5, Греганиќ 0/1, Јелиниќ 3/4, Северец 2/6, Пешиќ 2/3, Квастек 2/2, Јагањац, Прибетиќ 3/4.

Седмерци: 1/1, Исклучувања: 6 мин.