Некој нов Монпелје

Ракометарите на Вардар нема да имаат лесна задача во првото коло од Лигата на шампионите кога ќе гостуваат во Франција кај Монпелје.

По слабата сезона лани, францускиот тим се прегрупира и сега повторно личи на опасен тим, од кој би требало да стравуваат и најсилните.

Монпелје во финалето на турнирот во Стразбур славеше над ПИК Сегед со 27-25, па иако ова е само пријателски натпревар, тимот на Патрис Канаје покажа дека нема да игра споредна улога сезонава во ЛШ.

Шего беше одличен на голот, а од стрелците се истакнаа Агфур и Дескат со по пет голови, додека Порт даде четири. Кај ПИК Сегед четири погодоци постигна Шоштариќ.