Неколку клубови го сакаат Кузмановски, а тренерот на Железничар вели: Кој ќе даде повеќе…

Капитенот на Металург, Филип Кузмановски е играч кој е интересен за многу клубови во моментов и сите се во исчекување на разврската околу неговиот раскин на договорот со Металург. Јасно е дека тој има побарано да биде ослободен од обврските со Металург кој му должи пари, а сега е интересно да се види кој ќе успее да го добие до крајот на сезоната.

Вардар и Железничар се две екипи кои може да влезат во комбинација за репрезентативецот на Македонија, но тренерите немаа многу коментари во ова прашање.

„Филип го сакаат сите екипи. Не се само Вардар и Железничар тие кои би сакале да го видат во своите редови. Јасно е дека кој ќе даде повеќе тој и ќе го добие, но сè зависи од тоа како ќе заврши целата ситуација со него со раскинот на договорот. Ние во моментов размислуваме исклучиво за тимот кој го имаме и засега немаме коментари околу Кузмановски бидејќи има уште неколку други екипи кои сакаат да го видат во своите редови“, коментираше тренерот на Железничар, Веселин Вујовиќ.

Тренерот на Вардар, пак, Роберто Парондо, беше многу пократок.

„Кузмановски е репрезентативец на Македонија и одличен ракометар. Сепак, јас знам дека тој е уште играч на Металург, и колку што ми е познато за сега немаме контакт со ракометарот.“, рече Парондо.