“Некои ќе речат дека сум безобразна и нереална, но ако првиот меч го игравме дома…”

Тимот на ЖРК Пелистер загуби на двата натпревари од српскиот тим Наиса Ниш во осминафиналето на Челинџ Купот. Иако на првиот дуел, битолчанки беа рамноправен ривал, дури и водеа, вториот меч им припадна целосно на домаќинките.

Тренерот на Пелистер, Викторија Мурговска, даде свој коментар за двата дуели на нејзиниот тим што ги одиграа на гостински терен.

“Некој ќе рече дека сум вообразена, безобразна, нереална. Но, тврдам дека доколку натпреварот против “ослабениот” противник од Ниш, се одиграше во Битола, мојот тим наместо 55 минути отпор, ќе смогнеше сили и ќе дадеше отпор и доминација 60 минути. Резултатот на крајот на натпреварот е нереален за нашата игра и се должи на физичката неспремност на моите девојки кои подготовките (две недели) ги поминаа во несоодветни услови. Вториот натпревар го одигравме не така мотивирани и исцрпени и резултатот е реален. На мое и на изненадување на многумина, носители на играта беа нашите талентирани битолчанки кои во прва полусезона тивко и дисциплинирано работеа. Секому доаѓаат 5-те минути и се гордеам што на ваков тежок натпревар, со сериозен противник мојата работа со помладите и нивниот елан за работа и истрајност дадоа резултат на терен”, напиша Мурговска.

Пелистер сега го очекува напорна пролетна полусезона и борба за место во плеј-офот и место во европските купови. Женската лига започнува на 2 или 3 март.