Некогашниот тренер на Вардар, ќе ги тренира поранешните вардарки

Женската екипа на ЦСМ Букурешт продолжува со практиката после секој болен пораз да го менува тренерот, па веќе клубот има нов стратег кој ќе треба да ја врати стабилноста и да го донесе составот до посакуваните резултати.

Поранешниот тренер на машката екипа на Вардар и селектор на Македонија, Драган Ѓукиќ е изборот на раководството на ЦСМ Букурешт и тој седнува на клупата на тимот од главниот град на Романија. Во оваа екипа има дури четири ракометарки кои до минатата сезона беа во „црвено-црниот“ дрес.

Ѓукиќ ќе им биде тренер на Андреа Лекиќ, Јованка Радичевиќ, Барбара Лазовиќ и Драгана Цвијиќ. Раководството се одлучи за стратегот кој има искуство во Романија, но со машки клубови, па пред него претстои сериозен предизвик.

„Не стравувам од притисокот кој ќе го имам за резултати со тимот на ЦСМ Букурешт. Јас сум првиот кој ќе врши притисок врз себе за да дојдеме до што е можно подобар резултат. Целта на секој тренер е да победи на секој можен натпревар и ќе се обидам да направиме големи резултати“, коментираше Ѓукиќ после поставувањето за тренер на ЦСМ Букурешт.

Неговиот прв предизвик ќе биде дуелот против Кристијансанд кој се игра в сабота од 18:15 часот во Норвешка.