На повидок ново засилување од ПСЖ? Металург сè уште се бори за Халил Јагањац

19-Годишниот лев бек на ПСЖ, Халил Јагањац (200цм/98кг), би можеле да го гледаме во дресот на Металург во следната сезона. Хрватскиот интернационалец, кој во јуни за првпат беше повикан од страна на Червар во сениорскиот национален тим на „коцкестите“, лани немаше минутажа во првиот тим на ПСЖ, но информациите за следната сезона се дека Нока Сердарушиќ би сакал да има на располагање.

Сепак, прашање е колку младиот играч би можел да игра, посебно што од следната сезона во Париз ќе игра и Норвежанецот Сагосен, па покрај него, Карабатиќ, Нарцис, Хансен и останатите тешко би добил минутажа, а се наоѓа во години кога неопходно му е да биде на теренот.

Тоа е моментот што Металург и Червар се обидуваат да го искористат и се надеваат дека францускиот тим би го пуштил во Скопје. Веќе еден играч од ПСЖ летово потпиша за Металург, словенечкиот интернационалец Јануш Лапајне, па нема да биде чудно доколку и „чудото од дете“ Јагањац дојде во Автокоманда. Сигурно и тој повеќе би сакал да игра во Лигата на шампионите и во СЕХА Лигата, отколку за вториот тим на ПСЖ во Третата француска лига.

Металург беше одбиен од страна на Французите во првиот обид за трансфер на Јагањац во Скопје, но од Автокоманда, сигурно нема да останат на само еден обид. Во една прилика, запрашан од хрватските медиуми за евентуален трансфер летово во тим каде би имал минутажа, тој одговори:

„Знам дека Червар разговараше со мојот менаџер и предложи да одам во некој друг каде ќе имам силни натпревари и голема минутажа. Знам дека е тоа многу подобро, но тие работи му ги препуштам на мојот менаџер.“

Слично како и Словенецот Лапајне, така и Јагањац доби договор со ПСЖ. На 17-години како член на хрватскиот второлигаш Козала, заедно со неговиот менаџер испратиле „хајлајтс“ во францускиот клуб заедно со статистиката, па тоа било доволно да биде повикан на проба, а по неколку тренинзи со ѕвездите на ПСЖ, следеше и понуда за договор на три години, која беше прифатена.

Покрај за евентуалниот транфер на Јагањац, се очекува потврда на доаѓањето на десното крило Анте Токиќ од Вараждин, со кој 99% ќе има договор. Од странските засилувања потврдени се Словенецот Јануш Лапајне од францускиот ПСЖ  и српскиот ракометар Лука Стојановиќ од чешкиот Талент Плзен, како и Црногорецот Божо Анѓелиќ од унгарскиот Цегледи.

Покрај младите Димитриоски, Лазаревски, Шилегов и Танкоски, кои доаѓаат од Металург 2, повратник во екипата на Металург е Дарко Димитриевски, кој по една нецела сезона се враќа во Автокоманда, а нов двегодишен договор потпиша и пикерот Жарко Пешевски кој има одлична сезона зад себе. Голманот Никола Даниловски исто така се врати во матичниот клуб по две сезони минати во Пелистер. Нови едногодишни договори потпишаа голманот Дарко Арсиќ, левото крило Вања Илиќ, како и десното крило Александар Гуглета.

Во изминатиот период неколку ракометари ги напуштија редовите на Металург. Официјално, соработката е прекината со Никола Костески, Мартин Марчец, Немања МладеновиќГоран ПеченковскиАмин Јусуфинеџад и со Предраг Вејин.

2 Responses

  1. Талентиран десен бек доаѓа во Скопје: Червар го бара Никола Ивановиќ | 24 РАКОМЕТ

    […] интересот за Ивановиќ, на радарот на Металург е и младиот Хрват од ПСЖ, Халил Јагањац, но тешко е за верување дека ќе дојде до договор. Од […]

  2. Талентиран десен бек доаѓа во Металург: Червар го бара Никола Ивановиќ | 24 РАКОМЕТ

    […] интересот за Ивановиќ, на радарот на Металург е и младиот Хрват од ПСЖ, Халил Јагањац, но тешко е за верување дека ќе дојде до договор. Од […]