Нант ќе руши рекорди: Лазаров ќе ја пречека Барса пред повеќе од 11.000 гледачи!

Новиот тим на репрезентативниот капитен Кире Лазаров сезонава ќе се обиде да го сруши сопствениот рекорд, кога е во прашање бројот на гледачи на домашните натпревари. Ако лани Нант го пречека ПСЖ пред 11.019 гледачи, сезонава ќе има две шанси да се подобри оваа посета.

Во XXL Арена, во период од четири дена на почетокот на декември, ќе се одиграат два интересни натпревари. Нант и Лазаров најпрво ќе бидат домаќини на поранешниот клуб на капитенот Барселона во Лигата на шампионите, а потоа ќе го пречекаат можеби најсилниот тим во светот, ПСЖ, во рамките на домашниот шампионат.

Домашните љубители на спортот, во најракометниот француски град, сигурно до максимум ќе ги исполнат трибините на овие натпревари, па се очекува бројката на посетителите да биде над 11.000, односно повеќе од 22.000 за двата дуели.