Нант остана без полуфинале: Кире и колегите не можеа против ПСЖ во Купот

Средбата од четврт-финалето од Купот на Франција меѓу ПСЖ и Нант донесе дури 68 погодоци, а победата им припадна на домашните. Тимот од Париз славеше со 35:33 со што си обезбеди полуфинале и останува најголемиот кандидат за освојување на трофејот.

Кире Лазаров имаше добра вечер и беше меѓу поефикасните во редовите на Нант. Реализираше пет гола, но тој и неговите колеги не беа доволно моќни за да успеат да го совладаат домаќинот. ПСЖ иако и понатаму игра без браќата Карабатиќ кои се суспендирани, сепак, имаше сили и квалитет за да ги надигра момците од Нант.

Ова беше дуел на кој беа потврдени очекувањата бидејќи имаше резулатска неизвесност во текот на целиот меч, но на крајот славеа домашните кои беа за нијанса подобри и посигурни во клучните моменти така што на крајот се радуваа на место во полуфиналето.

Нант сега ќе мора да се насочи кон првенството каде што има големо заостанување зад Монпеље, кој е лидер во најсилната лига на Франција.