Навивачите можат да гласаат: Лука Циндриќ по историја во изборот на ИХФ за играч на годината

Ракометарот на Вардар, Лука Циндриќ кој го постигна голот што „црвено-црните“ ги однесе во финалето од Лигата на шампионите од денеска до 20 февруари ќе биде во трка за најдобар ракометар во светот.

Циндриќ се најде на списокот од пет ракометари коишто ќе конкурираат за најдобар играч во единствениот вистински и официјален избор на играч на годината. Овој избор го спроведува Светската ракометна федерација и затоа Циндриќ во следните две недели може да биде дел од историјата.

После испишувањето на историја со победата во финалето од Лигата на шампионите сега целта е да се испише и една друга историја, па првпат во историјата најдобар играч во светот да стане ракометар на македонски клуб.

Конкуренција на Циндриќ се Сандер Сагосен (ПСЖ/Норвешка), Никола Карабатиќ (ПСЖ/Франција), Домагој Дувњак (Кил/Хрватска) и Енди Шмид (Рајн Некар/Швајцарија).

За Циндриќ може да гласаат сите фанови. Тоа може да се направи на следниот ЛИНК. Гласањето ќе трае до 20 февруари кога ќе биде прогласен најдобриот ракометар за 2017 година според ИХФ.

Покрај навивачите ќе гласаат и новинарите, па ова ќе биде заеднички избор на ракометар на 2017 година на ракометните новинари и на ракометните фанови.

Се очекува да бидат објавени и имињата на тренерите за 2017 година, а таму секако во преден план треба да биде Раул Гонзалес. Актуелниот тренер на Вардар и селектор на Македонија имаше импресивна 2017 година и оправдано уште пред објавувањето на имињата на петте тренери на машки екипи е фаворит за освојување на големото признание.