Монпелје против Вардар со нов капитен

Пред почетокот на новата сезона, актуелниот освојувач на Лигата на шампионите, Монпелје одржа прес-конференција, а тренерот Патрис Канајер во обраќањето кон новинарите ги објави новостите во пресрет на почетокот на новата сезона. Една таква е и одлуката на тимот нов капитен да биде десниот бек, Валентин Порт кој ќе ја преземе капитенската лента од долгогодишниот капитен, Мишел Гуигу.

Канајер покрај тоа што го најави Валентин Порте како нов капитен ги образложи и прчините за ваквата одлука.

„Валентин Порт ќе биде нов капитен на тимот бидејќи мораме да се подготвиме за иднината и да донесеме нов вид на лидерство. Тој е играч кој доминира на теренот, кој ги уважува вредностите на тимот и има долгогодишен договор со Монпелје“, изјави Канајер.

Со ваквата промена екипата на Монпеље добива нов лидер на теренот откако претходно долгогодишен капитен беше суперискусниот, Мишел Гуигу кој како што најави тренерот на Монпелје сè уште ќе има лидерска улога во тимот.

„Гуигу е играч со кој што работев 17 години и е неоспорно дека е најдобар на својата позиција. Сè уште ќе има лидерска улога во тимот, но нема да биде капитен. Има различни начини на кои што можете да гледате кон иднината, да патите или да преземете нешто. Ние ја избравме втората опција“, додава тренерот на европскиот клупски шампион.

Во новата сезона, Французите ќе се обидат да го повторат успехот остварен во Лигата на шампионите и ќе се обидат да го симнат ПСЖ од тронот во домашниот шампионат. Отворањето на новата сезона Монпелје ќе го има за седум дена против тимот на Аикс, а првиот натпревар од Лигата на шампионите го играат на 15 септември дома против Вардар.