Монпелје исто како Вардар лани, заврши третопласиран на Супер Глоуб

Во увертирата на финалето меѓу Барселона и Фуксе Берлин на Супер Глоуб турнирот, актуелниот европски првак Монпелје успеа да се избори за 3. позиција со што го повтори резултатот на Вардар од минатата година. Монпелје славеше над Ал Сад од Катар со 33:23.

Актуелниот европски шампион ја имаше предноста во текот на целиот дуел и заслужено однесе убедлива победа. Откако направија предност од 14:9 на полувремето до крајот, оваа разлика Французите успеаја да ја дуплираат и да стигнат до 33:23.

Капитенот Валентин Порт доминираше во овој триумф со 11 погодоци. Тој беше убедливо најефикасниот на теренот, додека Диего Симонет имаше пет погодоци. Кај поразениот тим Амир Денгур Новрадине погоди осумпати, додека седум гола постигна Калед Хај Јусеф.

Со оваа победа, Монпелје го освои 3, место на турнирот и после репрезентативната пауза ќе се насочи кон подобрување на играта во домашниот шампионат, но и пред сè во Лигата на шампионите.

Пред средбата за 3. место, Ал Најма го совлада Универзитетот Сиднеј со 28:26 во битката за 7. позиција, додека Таубате од Бразил го надигра Хамамет од Тунис со 34:24 во мечот за 5. место.