Многу главоболки за Парондо: Повредите го кројат ростерот

На стартот од новата сезона во тимот на Вардар ќе нема дел од ракометарите на кои тренерот Парондо смета во новата сезона. Последен кој се најде надвор од комбинација е капитенот Стојанче Стоилов.

300x250

Тој се повреди на турнирот во Стразбур каде имаше дуел со Лука Карабатиќ и доби повреда на дланката поради која ќе биде надвор од терените подолго од очекувањата.

„На Стоилов нема да сметаме во следните два до три месеци. Повредата е сериозна и не може да игра. Тоа е голем проблем за нас бидејќи Стоилов е нашиот капитен. Тој е максимално потребен на нашата екипа. Вуко Борозан одново има проблеми со коленото. Се обидуваме да го оспособиме за да може да игра до декември, но ќе видиме со каков капацитет. Потоа ќе видиме. Можно е да има операција, но таа ќе зависи од него. Игор Карачиќ се чувствува подобро и очекуваме да видиме кога ќе почне со тренинзи. Што се однесува до Рожерио Мораеш, кај него ситуацијата не е сериозна“, изјави Парондо за повредените ракометари во екипата.

Она што сега е јасно е дека Стоилов ќе го нема в среда против Металург, додека за другите ќе се види в среда. Натпреварот со кој се отвора сезоната се игра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 20:45 часот.