Младост Богданци со висок триумф кај Партизан Гевгелија

Тимот на Младост Богданци продолжува со добрите игри на натпреварите од Групата 1 во Првата ракометна лига. Составот предводен од поранешните репрезентативци Стоилов и Роглев стигна до убедлива победа на гостувањето кај Партизан Гевгелија со 15-26.

Мечот беше решен уште во првиот дел, кога гостите се одлепија и поведоа со 1-8. Гевгеличани во продолжение немаа решение за одбраната на Младост, но ниту богданчани не реализираа премногу во нападот, па на пауза се замина со резултат 5-13.

Во вториот дел немаше никаков проблем за Младост да ја одржува високата предност и да си обезбеди мирна завршница. Имаа во два наврати и плус 13, но на крајот сепак мечот заврши со 11 голови разлика, 15-26.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Илија Динов и Никола Роглев со по седум погодоци, додека Митко Стоилов постигна пет голови. Кај Партизан Гевгелија се истакнаа Тодор Узунчев со пет и Димитар Вегов со четири голови.