Младите металурзи со три бода против Борец

Екипата на Металург иако настапува без голем дел од ракометарите коишто во првиот дел од сезоната настапуваа за тимот од Автокоманда, сепак, успеаја и со далеку помлад тим да го совладаат составот на Борец. Металурзите имаа повеќе од играта во клучните моменти, па заслужено завршија со три бода коишто беа сосема доволни за на крајот да се радуваат на победа.

Борец исто така има изменет тим во однос на првиот дел од сезоната, со неколку поискусни играчи, кои не можеа да помогнат во битката за победа на овој меч.

Домашните беа во поголем дел од средбата во предност. Беа посигурни во играта и водеа во првите 20 минути од дуелот. Тука Борец успеа да ги сврти работите во своја корист и да се избори и за два гола позитива при 9:11 и 10:12. Сепак, во последните минути од првото полувреме домашните успеаја да се вратат и да стигнат до предност од 15:14 и така да заминат на одмор.

Во вториот дел израмнето беше до 21:21, а потоа Металург успеа да стигне до предност од два гола и да продолжи да ја зголемува до плус четири за на крајот да се израдува на три бода од оваа пресметка.

МЕТАЛУРГ 2 – ГРК БОРЕЦ          30:26 (15:14)

Сала: Автокоманда во Скопје. Гледачи: 200. Судии: Војо Христовски и Бобан Мајнов од Скопје. Делегат: Ацо Николовски од Скопје.

МЕТАЛУРГ 2: Василевски, Петковски, Смилевски, Гошевски 7, Трајковски, Божиновски, Додиќ 2, Лембанов 1, Младеновиќ 2, Гајиќ 3, Тодоров, Кондев 4, Митиќ 2, Ристовски 1, Костески 5, Кофиловски 3.

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 8 мин.

ГРК БОРЕЦ: Стојановски 4, Павловски 7, Јаневски 1, Витанов, Постоловски 6, Белчовски, Јанков, Смилев, Аврамски, Николов 4, Солев, Петровски, Минов, Лазаревски 4, Петров.

Седмерци: 4/6, Исклучувања: 14 мин.