Михајловски: Заборавете ги судиите и концентрирајте се на вашата игра!

На денешната прес-коференција раководството, стручниот штаб, капитенот Стоилов и Арпад Штербик пред заминување за Германија предупредија дека Фленсбург е силна екипа, но со претпазлива игра може да се оствари позитивен резултат. Претседателот на клубот, Сергеј Самсоненко се осврна на судиската двојка и задкулисните игри на ЕХФ, а поранешниот претседател на Вардар и актуелен претседател на СЕХА лига, Михајло Михајловски му одговори дека ако „црвено-црните“ се на нивото од Брест нема да има причина да се споменуваат судиите и работи кои немаат врска со ракомет.

Јас бев воодушевен од тоа што го прикажа Вардар во Брест, од поставена игра, од залагањето, од зрелост. Веспрем никогаш не делувал толку немоќно, а Веспрем е голема екипа.-започна поранешниот претседател на РК Вардар.

Претседателот на регионалната лига истакна дека Вардар според игрите кои ги покажа на завршниот турнир во СЕХА лигата е подготвен за последниот чекор, кон Фајнл Фор турнирот во Келн.

Вардар има реални шанси за прв пат во своја историја да влезе на Фајнл Фор. Им посакаувам на играчите и стручниот штаб да се повтори натпреварот против Веспрем и се надевам дека Вардар ќе настапи во Келн.-потенцираше Михајло Михајловски, претседател на СЕХА лига

Михајловски истакна дека задкулисните игри не треба да бидат во прв план, затоа Вардар мора да го покаже своето вистинско лице, да ја одигра својата игра и да ја превеме судбината во свои раце.

Му благодарам на Сергеј што го превзема клубот од мене. Кога се одлучив да го отстапам своето место бев убеден дека клубот ќе оди во нагорна линија, ќе постигне повисоки резултати од она што ние го направиме. Затоа морам нешто да му порачам: “Заборавете ги судиите и концентрирајте се на вашата игра!“. Убеден сум дека ќе го промениш твоето мислење кога сите заедно ќе се радуваме по натпреварите со Фленсбург.- заврши Михајло Михајловски кој 30 години раководеше со скопскиот клуб.

Првиот натпревар меѓу Вардар и Фленсбург во рамките на четвртфиналната фаза ќе се одигра во сабота во Германија со почеток од 17:45 минути.