Михаел Видерер: Од 2020 година ќе бидеме пребирливи за Лигата на шампионите

Претседателот на Европската ракометна федерација, Михаел Видерер по вторпат е гостин на завршниот турнир во СЕХА-лигата, а тоа беше нова можност за да даде пофалба за сработеното на одговорните лица во СЕХА и за организацијата.

Имаше позитивни видувања, па и тој е задоволен што Лигата добива на квалитет, но и што им помага на клубовите да бидат максимално подготвени за натпреварите од Лигата на шампионите.

„По вторпат доаѓам на Ф4-турнирот во СЕХА. Бев на завршницата и пред две години во Вараждин и сега. Можам да потврдам дека ова е еден од најдобро огранизараните настани во ракометот. Ф4-турниот во Келн е врвот на нашиот спорт, но на нашиот спорт не му е доволен само тој турнир. Потребни му се многу повеќе вакви врвни настани и тие ја зголемуваат вредноста на ракометот“, коментираше Михаел Видерер на завршната прес-конференција на 7. сезона од СЕХА-лигата.

Видерер смета дека она што СЕХА го прави за своите тимови е одлично бидејќи им помага и да го одржуваат нивото на квалитетот во текот на поголемиот дел од сезоната, а тоа секогаш е добро и за натпреварите од Лигата на шампионите бидејќи така добива на уште поголем квалитет оваа лига.

„Тимовите коишто се натпреваруваат во СЕХА-лигата на ваков начин можат да го зацврстат својот квалитет и да го кренат нивото на играта. Важно е да имаме што повеќе квалитетни клубови во натпреварувањата, па затоа е потребно и во СЕХА-лигата да имаме уште повисоко ниво на квалитет. Во 2020 година, Лигата на шампионите ќе претрпи измени, а тоа значи и дека ќе бидеме пребирливи кога е во прашање изборот на клубови коишто ќе учествуваат во Лигата. Затоа верувам дека СЕХА-лигата ќе им помогне на клубовите да станат уште подобри и да имаме неколку клубови од ова натпреварување“.

Колку СЕХА им помага на екипите се гледа и од фактот што актуелниот првак на СЕХА е и актуелен првак на Лигата на шампионите што секако наидува на одобрување и од Видерер.

„Актуелниот првак во Лигата на шампионите денеска во финалето од СЕХА ќе игра против поранешен освојувач на Лигата на шампионите. Се надевам дека така ќе продолжи и развојот на оваа лига и дека ќе имаме уште шампиони кои ќе се натпреваруваат за титулата и во СЕХА и во Лигата на шампионите. На оваа лига и требаат сите силни партнери бидејќи колку овој спорт е поатрактивен толку е и поинтересен за маркетинг пазарот. Затоа верувам дека и вечерва ќе видиме интересно финале во СЕХА и тоа ќе биде и убава најава за уште еден убав завршен турнир во Келн во Лигата на шампионите“, коментираше Видерер на пресот.