Михаел Видерер за проблемот со Германците: Сите лиги се со ист третман во ЕХФ

Конфликтот во кој се најдоа Европската ракометна федерација и Ракометната федерција на Германија во однос на термините за одигрување на натпреварите и понатаму е во центарот на вниманието, а за да се решат дел од проблемите се огласи и првиот човек на ЕХФ, Михаел Видерер. Во интервју тој зборува за случувањата околу Рајн Некар, но и за комплетниот однос со Бундес федерацијата.

„Овој проблем со термините беше поставен на дневен ред за разговор уште пред две години, а еве и сега се повторува. Пред неколку сезони финалниот турнир на Купот на Германија беше во ист период како и четврт-финалето. Сега одново се случува дерби дуел да биде закажан во ист викенд кога се играат осминафиналните средби“, вели Видерер.

Тој појаснува дека ЕХФ нема ништо против Ракометната федерација на Германија и клубовите од оваа земја, а вели и дека нема никаква желба за власт во ракометот во оваа земја.

„За ЕХФ сите лиги имаат еднаков статус. Ние сме во одлична комуникација со лигите кои навистина брзо растат како СЕХА, и француската и унгарската лига. Немаме ништо против за дерби дуелите да одат во ударен термин на главните телевизии, но некои работи мора да се средата“.

Во однос на најавите дека Рајн Некар би можел со втора екипа да игра на средбата против Кјелце, од зборовите може да се види дека клубот веројатно ќе добие санкција, но таа би се однесувала за играњето на овој тим во иднина во Лигата на шампионите.

„Додека екипата ги користи играчите со коишто и досега настапуваше во Лигата на шампионите нема да има никаков проблем. Сепак, ова ќе биде важна точка околу натамошното играње на клубот во ова натпреварување и ќе биде земено предвид за следните сезони со оглед на тоа што доколку се направи таков потег и се отиде со играчи од втор тим тогаш се покажува колку клубот го цени ова натпреварување“, изјави Видерер во дел од интервјуто поврзано со проблемите на релација ЕХФ-Ракометна федерација на Германија.