Митревски: Играат без двајца клучни ракометари, но и покрај тоа треба добро да се подготвиме

Еден од ракометарите кои настапува во Романија  и кој сигурно одблиску може да ја почуствува атмосферата во пресрет на бараж дуелите е репрезентативниот голман, Никола Митревски.

300x250

Популарниот “Никуч” познава добар дел од романските репрезентативци, а за тоа како романците гледаат на дуелот против нашата репрезентација вели:

“По ждрепката тие не даваат никакви изјави, немам прочитано никакви изјави ниту дека се фаворити ниту аутсајдери. Работат во тајност, во ЕХФ неделата одигаа пријателски натпревар со својата Б селекција, но во целина доста се затворени во пресрет на бараж натпреварите со Македонија.

Митревски смета дека Романија е доста квалитетен противник со голем број  интернационалци.

“Сметам дека Романија е една доста квалитетна селекција со голем број на интернационалци. Треба добро да се подготвиме да ја одиграме нашата игра, па ќе видиме на крајот како ќе биде”.

Митревски познава голем дел од ракометарите на Романија, а во однос на тоа дали реваншот кој го играат на домашен терен може да претставува предност за нив, македонскиот голман вели:

” Па добро, тоа со предноста на домашен терен и може да биде и не. Зависи како ќе заврши првиот натпревар. Мислам дека на овој двомеч многу работи зависат од нас и од нашата игра. Како што реков и претходно, Романија е доста квалитетна репрезентација, но досега се немаат покажано како колектив. Во пресрет на овој натпревар двајца од клучните ракометари им се повредени, и мислам дека немаат замена за нив.  Немаат среден бек како Фенич и лев бек како Шимику, така да тоа е можеби наша мала предност но не треба да се залетуваме туку да се подготвиме максимално”.

Од тоа што го нуди романскиот ростер во овој момент, Митревски очекува противникот да игра цврсто во одбраната.

 “Нивниот ростер е составен од двометраши, па со оглед на тоа очекувам да играат цврсто во одбраната и да имаат доста шутеви од бековските позиции”- заврши Митревски.