Митков: Имам измешани емоции, но верувам во овие момци

Македонија ја прегази Чешка со 33:20 и како првопласирана во групата оди на Европското првенство во Хрватска на почетокот на следната година. Десниот бек Влатко Митков го одигра последниот натпревар во дресот со националниот грб и по мечот имаше измешани емоции.

„Раул ни кажа дека мораме да одиграме најдобро досега, затоа што Чешка има добри шутери и мораме да бидеме одлични во одбраната, тоа ние го применивме и резултат на тоа се 13 голови разлика, а ова е најубав подарок за мене. Имав измешани чувства, но морав да ги смирам на стартот, дадов се од себе. Горд сум што се пласиравме на ова ЕП, им посакувам на момците да дадат максимум, верувам во нив и знам дека ќе не израдуваат со некој добар резултат.“ – изјави Митков.