Миркуловски и Вецлар не го издржаа налетот на Фуксе Берлин

Екипата на Вецлар каде капитен е Филип Миркуловски не успеа да му го нанесе третиот пораз по ред на Фуксе Берлин и загуби со 24:29. Нашиот репрезентативец, го заврши натпреварот без постигнат гол, а додаде една асистенција.

Дуелот почна со изедначена игра, но истата траеше кратко. На Фуксе Берлин не му требаше долго време да замине во блага предност која ја сочува и на полувремето, кога водеше со 14:12.

Почетокот на вториот дел донесе и позитивност во играта на Вецлар. Соиграчите на Миркуловски успеаја да се вратат, па и да дојдат до водство, но последните дваесетина минути покажаа нешто друго. Во тие дваесет минути Фуксе Берлин потполно го надигра противникот и заслужено славеше.

Миркуловски не се најде меѓу стрелци, а неговиот соиграч, Максимилијан Холст беше најдобар со седум погодоци. На спротивната страна, Ханс Линдберг беше најдобар стрелец со 11 гола, а добра партија имаше и поранешниот вардарец, Мијајло Марсениќ кој четирипати ја тресеше мрежата на противникот.