Миркуловски: Желни сме за повеќе, утре мораме да победиме!

Македонија вчера пристигна во Загреб каде го одржа првиот трениг во пресрет на премиерниот натпревар против Словенија.

Избраниците на Раул Гонзалес тренираа во популарната “Дом Спортова”, а свое видување за престојниот натпревар против словенците даде централниот бек на македонскиот национален тим, Филип Миркуловски:

“Одработевме добри подготовки и подготвени сме за првиот натпревар. Сите сме здрави и тоа е најважното во пресрет на овој натпревар.Словенија е нашиот прв противник, тие се во улога на фаворити, бронзени се од последното СП и тоа ги прави условно поквалитетен тим од нас. Но, тие се послаби отколку на првенството во Франција со оглед нa тоа дека им се повредени неколку играчи и нема да бидат во истиот состав.

Но, тоа не значи дека ќе биде полесен натпреварот. Прв меч, натпревар што може многу значи за двете репрезентации. За нас конкрентно, овој меч е шанса да освоиме бодови што понатаму ќе играат голема улога. Желни сме да направиме повеќе од досега и за таа цел утре мораме да победиме.

Натпреварот Македонија-Словенија се игра во Арена Загреб, на 13.јануари (сабота) со почеток во 19 часот и 30 минути.