Металурзите се поместија од „мртва точка“, водени од Даниловски освоија два бода

После пет порази екипата на Металург дојде до првиот триумф во Лигата на шампионите, а денеска успеаја да го совлада тимот на Чеховски медведи во 6. коло со 25:24. Овој триумф ги раздвижи работите и покажа дека Металург конечно се помести од „мртва точка“ и може да се очекуваат уште подобри игри.

Одличните голмани Даниловски и Томовски ги водеа своите колеги во оваа победа. Никола собра двоцифрен број на интервенции. Мартин ги откажа пеналџиите на Чеховски, додека од засилувањата Шпенде и Рибеиро покажаа дека ќе бидат освежување во нападот. Пучник денеска имаше солиден настап во одбраната.

Металург и Чеховски медведи имаа интересен старт на средбата во кој неколку минути имаше надигрување во кое предноста беше постојано на страната на македонскиот вицешампион. Чеховски успеваше да се врати, но некаде на средината на полувремето се почувствува дека Металург може да дојде до предност која ќе даде помирен тек на настаните во продолжение од средбата.

Никола Даниловски блескаше на голот и ја користеше шансата да брани од почеток против силен тим каков што е шампионот на Русија. Тој собра десет интервенции во првото полувреме и одигра голема улога во кршењето на ритамот на противникот. Воедно тука беше и клучниот момент кога се создаваше предноста, која на одмор изнесуваше шест гола.

После 16:10 во првото полувреме во вториот дел Металург конечно успеа да одржи висок ритам на игра. Иако немаше веќе толку многу одбрани како во првото полувреме, сепак, одбраната успеваше да издржи и тука беше причината што металурзите постојано беа на 3-4 гола позитива.

Она што беше главен проблем за Металург на претходните дуели играта во вториот дел особено од 41 до 50. минута сега се случи во завршницата. Чеховски медведи стигнаа до негатива од два гола на шест минути до крајот од средбата

Сепак, во последните минути од дуелит металурзите го издржаа притисокот. Иако Чеховски медведи го имаа последниот напад и имаа обид за реми, сепак, немаше простор за погодок, па на крајот Металург се радуваше на два бода и победа од 25:24.

МЕТАЛУРГ – ЧЕХОВСКИ МЕДВЕДИ       25:24 (16:10)

Сала: СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 700. Судии: Андреј Гуско и Сергеј Репкин од Белорусија. Делегат: Николае Визитиу од Молдавија.

МЕТАЛУРГ: Даниловски (14 одб.), Томовски (3 сед.), Јагуриновски 0/2, Лазаревски 1/1, Димитриоски 5/6, Токиќ 4/6, Танкоски 1/7, Серафимов 4/7, Шпенде 4/11, Велковски 1/1, Рибеиро 3/7, Пучник 1/2, Миличевиќ 1/1, Маџовски, Стојановиќ, Арсеновски.

Седмерци: 2/4, Исклучувања: 6 мин.

ЧЕХОВСКИ МЕДВЕДИ: Павленко (8 одб.), Грушко (2 сед.), Санталов 2/6, Корнев 1/3, К. Котов 4/6, Андреев 2/2, Куретков 2/7, А. Котов 3/5, Осташченко 1/4, Карлов 0/1, Струшински, Василев 1/3, Фурцев 0/2, Маслеников 7/7, Каменев, Косоротов 1/1.

Седмерци: 5/8, Исклучувања: 4 мин.