Металург Јуниор нов ракометен бренд во Македонија!

Додека македонските суперлигаши ги одработуваат подготовките за новата сезона, во Првата Лига се оформуваат и промовираат нови клубови. Откако, РК Бутел го најави своето враќање во новата сезона, од денес уште едно име ќе „воскресне“ во ракометниот свет. Металург Јуниор повторно ќе игра во македонската Прва Лига. Зад новиот проект ќе застане добро познато ракометно име – Ристо Чокрев. Првите чекори веќе се направени, а во ракометната федерација деновиве ја очекуваат комплетната документација за да се официјализира регистрацијата.

Иако го носи името на македонскиот вицепрвак Металург, Металург Јуниор е сосема независен проект, ќе се натпреварува во спортската сала Расадник, а поддршка ќе има од локални компании. За сега амбициите се скромни, и приоритет е составување на екипата за наредната сезона во обид да се нападнат првите места во лигата.

Претседател на (старо) новиот клуб ќе биде Ристо Чокрев. Чокрев е еден од најистакнатите ракометни работници, поранешен претседател на РК Металург и клупска легенда. Во тимот од Автокоманда помина речиси 40 години, а под негово раководство Металург ги направи најголемите клупски успеси во Македонија и Европа. Ристо Чокрев беше еден од најзаслужните за одржување на брендот Металург, кој кубуреше со финансиите пред да влезе ракометната мецена Минчо Јорданов. Во неговата биографија е запишана и функцијата директор на македонската сениорска репрезентација.

Првиот собир на новиот прволигаш ќе се одржи во среда (24.08.2017) кога ќе бидат познати имињата на играчите и составот на стручниот штаб.