Металург се испофали: Ние сме најдобриот колектив во Македонија!

Ракометната сезона на клупско ниво веќе заврши во Македонија, оа клубовите можат веќе да ги сумираат сите резултати и впечатоци.

Тимот од Автокоманда, според пресметките објавени на нивниот официјален веб-сајт, се пофали дека е најдобар ракометен колектив во Македонија.

„Како и многу пати досега, Металург и оваа сезона е најдобриот ракометен колектив во Македонија. Од можните 12 титули, нашите клубови освоија дури шест, а забележаа и едно второ место.

Во машка конкуренција:

– РК Металург го освои Купот на Македонија

– РК Металург 2 е шампион на Првата лига

– Младинците на РК Металург 2 се шампиони на Македонија

– Пионерите на РК Металург се исто така шампиони на Македонија

Во женска конкуренција:

– ЖРК Металург е сениорски шампион на Македонија

– ЖРК Металург е младински шампион на Македонија

– ЖРК Металург е кадетски вицешампион на Македонија

Преостанатите титули им припаднаа на Вардар (Суперкуп на Македонија, шампионска титула во машка сениорска конкуренција, и шампинските титули кај пионерките и кај кадетките), на ЖРК Куманово (женскиот Куп на Македонија) и на КЛ-7 Струга (кој стана кадетски шампион на Македонија во машка конкуренција)“, се вели на веб-сајтот на Металург.

Сепак, доколку се имаат во предвид настапите на меѓународна сцена, Металург баш и не може да се пофали со успешни резултати во двете конкуренции, а тимот од Автокоманда догодина ќе биде дел само од едно европско натпреварување, Купот на ЕХФ.