Металург се исплаши од победа

Ракометарите на Металург го одиграа последниот натпревар за оваа година во сите конкуренции. Македонскиот вицепрвак со реми кај Нексе, 31:31 во рамките на СЕХА Лигата, заврши уште една турбулентна година. Иако во ростерот беа ракометари кои ретко добиваа шанса сезонава, сепак Металург се држеше одлично во поголемиот дел од мечот.

На стартот до 3:3 се играше гол за гол, пред домаќинот да направи предност од 2 гола, 5:3, 6:4, 7:5, но Металург преку Димитриоски на два пати стигна до 7:7. Беше редот на Металург да дојде до водство, па Шилегов и Петров донесоа плус 2, 10:12. Сепак до крајот на полувремето Нексе стигна да израмни и да замине на пауза со предност од 16:15.

Во вториот дел најчесто се играше гол за гол до 23:23, пред Металург да зголеми на 23:25 преку Токиќ и Пешевски во 45 минута. Имаше тимот од Автокоманда и шанса за плус 3 во 50 минута, но не успеа, но Томовски го запре Зрниќ на спротивната страна. Посакуваните 3 разлика една минута подоцна ги донесе Велковски 25:28, а беше и 26:29.

По 28:31, две грешки на Металург и домашните се доближија на 30:31, а потоа Јагањац не погоди. Нексе казни за 31:31, а во последниот напад Илиќ беше спречен од голманот Пилиповиќ. На триесетина секунди до крајот домашниот тим не успеа да организира напад за победа и мечот заврши 31:31, што е четврто реми во 12 меѓусебни дуели меѓу овие два тима.

Најдобар поединец во Металург беше Јагањац со 9 голови, додека 5 даде Пешевски. Кај Нексе се истакна поранешениот ракометар на тимот од Автокоманда, Марко Бувиниќ со 9 голови, а Баришиќ Јаман даде 6 погодоци.