Металург преку Загреб стигна до Велење, сега е на ред да го среди Горење (ФОТО)

Ракометарите на Металург се адаптираат на условите во кои утре ќе треба да го одиграат дуелот против Горење, а вечерва од 18 часот и утре од 10 часот ќе имаат и два тренинзи на кои ќе може и да се подготват за првиот дуел од 3. рунда во Купот на ЕХФ.

Поради немање авио конекции  од Скопје до Словенија денеска мораше да се патува прво со авион од Скопје до Загреб, а потоа со автобус неколку часа од Загреб до Велење. Експедицијата која рано утринава тргна од Скопје е веќе во Словенија и може полека да почне со финишот од подготовките за дуелот против Горење во текот на утрешниот ден.

Тренерот Зоран Кастратовиќ заедно со своите помошници Мисовски и Шешум на пат поведе 17 ракометари. Во тимот го има одново Дупјачанец кој ќе се врати на голот после пауза од околу еден месец и тоа е големо засилување за пресметката со Горење. Покрај него тука е и Даниел Ѓорѓески, додека во поле во конкуренција се Поповиќ, Кондев, Шилегов, Чантурија, Маркоски, Танкоски, Кбилашвили, Мариќ, Младеновиќ, Додиќ, Јагуриновски, Серафимов, Лазаревски, Арсеновски и Вујовиќ.

После утрешниот тренинг Кастратовиќ ќе треба да одлучи кои 16 ќе бидат на терен така што е јасно дека за еден од ракометарите ќе нема место на првиот дуел против Горење. Сепак, сите што ќе бидат на терен ќе мора да дадат максимум. Сите се чувствуваат одлично се очекува утре од 20 часот да биде виден добар ракомет.