Металург отпатува за Белорусија, капитенот не се качи во авионот

Екипата на Металург замина за Мешков каде утре од 17:15 часот ќе го одигра дуелот против шампионот на Белорусија од СЕХА-лигата. Проблемите за тренерот Данило Брестовац продолжуваат бидејќи и понатаму не може да го комплетира тимот.

На последниот тренинг го немаше капитенот Филип Кузмановски, а него го немаше ниту меѓу патниците за Белорусија. Тука веќе нема дилеми дека нема договор меѓу раководството и капитенот околу заостанатиот долг, па јасно е дека тука лежат и проблемите.

Кузмановски очекуваше до неделата да добие позитивен одговор, а од видеото и фотографиите од последниот тренинг објавени на страната на клубот може да се види дека тој не е на тренингот заедно со колегите, па сосема извесно е дека не дојде до истиот и дека капитенот е пред напуштање на клубот.

Она што е извесно е дека тој нема да биде во Металург на средбата против Мешков Брест, а ќе го нема и повредениот Мартин Велковски. Вториот повреден ракометар од дуелот против Вардар, Димитар Димитриоски се чувствува подобро и тој тренираше заедно со колегите и е подготвен за настап.