Металург на нов СЕХА испит

Македонскиот вицепрвак Металург по поразите од Чеховски Медведи и Монпелје, се враќаат на обврските во регионалната СЕХА Лига. Следен противник на ракометарите предводени од Александар Јовиќ ќе биде белорускиот првак Брест Мешков, кој неколку сезони безуспешно се обидува да го освои ова натпреварување.

Со оглед на високите амбиции што ги имаат и во Лигата на шампионите, стратегот Сергеј Бебешко секогаш комбинира со составот за дуелите во СЕХА и најчесто игра со оние што имаат мала минутажа. Брест го чека тежок дуел во ЛШ на гости кај Фленсбург, па тука е шансата на Металург да искористи нешто што ќе може.

Металург пак во комплетен состав замина на мини турнејата низ Белорусија и Турција, а патуваа преку Словенија и Полска. Долгото патување може да биде проблем, но сепак ракометарите веќе се навикнаа на вакво темпо, па нема да им пречки да прикажат максимум од своите можности. Тимот од Автокоманда и во најдобрите денови лошо минувал во Брест, но новите сили треба да покажат дека се кадарни за повисоки дострели.

Натпреварот се игра денеска со почеток во 17:45 часот.