Металург на нов СЕХА испит без леви крила

Ракометарите на Металург по завршувањето на настапите во Лигата на шампионите и поразот во Лисабон кај Спортинг, се враќаат на обврските во СЕХА Лигата. До крајот на годината ги очекуваат уште четири средби, три на гости, една на домашен терен.

Избраниците на Александар Јовиќ гостуваат најпрво во Целје, а потоа и на Вардар и Нексе, додека на домашен терен ќе го пречекаат составот на Динамо Панчево. Словенечкиот првак исто така имаше тешко гостување во Брест кај Мешков во ЛШ и уморен ќе го дочека македонскиот тим.

Но, доколку сака да ги задржи шансите за Ф4 турнирот, Целје мора да победи. Тоа го прави Металург растоварен од каков било притисок и може да се очекува дека тимот од Автокоманда ќе се прикаже во одлично издание против фаворизираниот домаќин.

Вања Илиќ не е доволно заздравен од повредата и не замина за Словенија, додека во ростерот нема да биде ниту Давор Палевски поради болест, што значи дека Јовиќ ќе мора да комбинира на лево крило со некоја друг. Дуелот меѓу Целје и Металург се игра денеска со почеток во 19 часот.